Различни се значењата на терминнот шутрак во секојдневната употреба од нашиот човек.Многубројни се неговите нијанси во конкретни ситуации,големо е разнообразието во метафоричкото значење во разговорниот јазик.Во безграничното јазично богатство наоѓа примена во се и сешто што го чини општествениот живот.Се зависи од контекстот во кој е употребен, во каква мисловна содржина се изрзува,какво конкретно значење добива.
Дедото му се обрнува на своето внуче-Шутраче мое мило-Звучи нежно,галовно,надежно.
Таткото го прекорува синот-Шутрак еден,земи ја книгата,учи,доста играње.
Ортакот му се обрнува на партнерот-Ме лажеш,засрами се,шутрак ниеден.
Тоа се неколку примери,за илустрација, колку различна може да биде содржината на поимот шутрак во даден израз..
Именувањето на луѓето како шутреци е метафора ,личен/индивидуален / однос како ги третираме луѓето во зависност од нашето идејно стојалиште за нивната положба,за нивното однесување во дадени ситуации.Тоа е,во сушност, наш однос кон околностите во кои се доведени и кон нивното поведение во тие околности.Според тоа ,нивната положба е наше мислење за нив,оценка за нивниот статус ,а еднвремено,оценка и за условеноста во која се наоѓаат.
Неприфатливо е разбирањето на метафората како константна оценка на интелектуалната способност на личноста,уште помалку на мноштвото граѓани.Метафората има значење како поим за сосема конкретни односи и не значи ништо надвор од нив.
Јас ќе се обидам да го искажам моето лично мислење за определен вид шутраци,за категории во кои си ги претставувам,за поединци во нив,што се нашле без своја волја или по своја желба. Временски акцентирањето е ограничено, се однесува на определена личност и нејзиниот поглед на современоста.
Владеачкава структура,што со нечесни начини се здоби со власт,создаде автократски режим,ги потчини сите структури на државната машинерија ,ги наруши основните права на луѓето,државните органи неодговорно ги употребува за ограбување на народот .Ја злоупотребува власта за задоволување на личните цели, без да се воздржува и од гнасни злосторства.
За овој вид узурпатори на власта не одговара терминот шутраци и во неговото најлошо значење.Треба да се најде соодветен термин.
Во големиот апарат на државната управа работат илјадници службеници-буџетари.Тие раководат со државните органи.Нивните работни места се високо платени.Материјално обезбедени,задоволни се од себе си.Нивна должност е да ги спроведуваат наредбите на повисоките органи.Тие нема потреба да пројавуваат креативност во работата;нивната задача е да ги спроведуваат директивите што доаѓаат одозгора.Жална е нивната положба,да исполнуваат нарачки што често се спротивни и на нивните лични сфаќања.Понекогаш помислуваат дали е сигурна и колку ќе трае оваа нивна во секој однос привилигирана положба.Шутраци,не разбираат дека нивната сигурност зависи од сигурноста на власта.Но,немаат нити смелост,нити причина да бидат незадоволни од власта.Тие ја штитат власта,со што шутраци мислат дека се штитат и себеси.Од овие шутраци не може да се слушне ни протест,ни спротиставување на власта,колку и да е ненародна.Тие се слуги на власта.
Во подолните пружини на државната машинерија работат,исто така,илјадници државни службеници-буџетари.Од чистачи,мајстори,машинописци,раководители на сектори,па натаму,се се тоа неопходни работници кои за својата работа добиваат државна плата.Мала-голема редовна платичка е тоа од која може некако да се живее.Не е битно кој што работи,тие се штрафчина во државниот апарат.Важно е да се варди службата,да се слушаат наредбите,тоа е разбирливо,и да се биде лојален на власта.
Тие луѓе нема да ги видиш на протестните митинзи,за што и да се,од нив нема да слушниш критики на нивната власт.Тие и не размислуваат многу за мерките што ги презема власта,тоа не е нивна работа.Шутраци,се тресат да си ја задржат работата,не им треба ни политика,ни многу размислување ,не сфаќаат дека од тоа што работи и како работи власта зависи и нивната живеачка.Шутраци.
Во иста или слична ситуација се наоѓаат илјадници службеници што работат во институциите,работните организации,што се под директна или посредна управа на власта,крупни,средни и ниски службеници-буџетари.Штом добиваат плата од институцијата која е дел од државните организации,се знае,тие се во државна служба.Тоа е традиционално разбирање,се што на некаков начин е зависно од државата,тоа е државна работа.А може ли да се протестира против државата од која се добива плата,секако не.Треба де се биде претпазлив,да се гледа што може да ти наштети,затоа варди се и биди скраја од огнот.Шутраци.
Немаме простор и можност да ги редиме сите институции што ги покрива државниот апарат.Ќе ги спомниме само локалните општински органи и нивната мрежа од служби .Штом се тие на некаков начин во оперативни дејности,ги спроведуваат задачите што произлегуваат од законите на државните органи. Таму се ,пак,стотници и илјади службеници што живеат од плати и треба да се повинуваат на наредбите на своите претпоставени.Државна работа си е државна работа,нема место за многу размислување,што ќе ти кажат,тоа ќе го правиш,ако сакаш плата.Секој сака некое сигурно местенце,а што прават тие горе,какви закони донесуваат,тоа е нивна работа.Гледај да не паднеш во очи од тој од кој зависиш.Дали да им завидуваш или да ги жалаш овие шутраци,кои секогаш се скраја од општествените движења и се препуштени на државната матица,па кај ги носи,нека ги носи.Од нив не очекувај општествени активности,вон од задолженијата.Шутраци.
Огромен и страшен е тој државен апарат што како октопод ги обвиткува и држи во своја потчинетост илјадниците граѓани.Ако покрај тие службени врски и зависности ,што подлежат на државната одговорност и на државната дисциплина, им се придоде и партиската дисциплина,тогаш тие дефинитивно и цврсто се поврзани со политиката на државната власт.А партиската дисциплина може да биде и посилна од државната.Ако си поставен на службено место со партиска книшка,ти си загубен како општествено слободен граѓанин. Ти си шутрак кој не заслужува ни жалење.
Не треба многу фантазија за да се сфати каква е улогата на тој огромен апарат кога власта спроведува определени законски решенија или кога презема некоја општествена-политичка акција.Како низ артериите на крвотокот,така низ сите органи на политичкиот апарат прострујуваат наредби и инструкции што треба определени органи и организации да сторат за успешно спроведување на одредбите на власта.Сите шутраци се на своите места,секој си ја извршува својата задача.
Може ли меѓу тие шутраци да се најде и некој што ќе ги раскине обврските спрема повелбите на власта, кога совеста е посилна од се друго.Тоа како исклучок може да се претпостави.Сепак,државната машина работи со полна пареа.
Како посебен“ погон“ на државната власт и служи пропагандниот апарат,сите медиуми што власта ги потчинила со административни,и пред се,со материјални средства.Работниците во овој пропаганден апарат обично се стручно-идеолошки подготвени и ги развиваат своите креативни-творечки способности како подобро,поуспешно да ги овладаат умовите на луѓето,да ги убедат или придобијат за определени солуции.Тоа се шутраци од посебен вид.Независно од тоа колку се самите убедени во правилноста на политиката на власта,потикнати од материјални побуди, тие ја ставаат својата интелектуална способност во служба на власта.Тие се на извесен начин врбувани да и служат на власта,а не им е тешко во опредлени околности да ги менуваат своите определби и да му служат на оној стопан што ќе ја осигури нивната материјална положба.Во етнички и политички разделена државна заедница и медиумите се разделени.Тука тешко вирее слободно новинарство.Има шуитраци од секакви сорти.
Разбирливо,во сите акции спроведувани од власта тие се на својот пост,и од нив не можеш да слушнеш или да очекуваш друго,тие се гласноговорници на политичката платформа на власта или на политичката партија.Бедно изгледаат овие шутраци кога застапуваат апсурдни ставови.
Да не заборавиме,и меѓу новинарските и публицистичките пера имало и такви што се издигнувале над сивилото на секидневието.Смелата мисла си наоѓала пат да блесне и да озари.
Жално изгледаат органите на просветната власт,во образовниот систем.Сакале или не тие своите стручни квалификации на извесен начин ги подредуваат на законските одредби од повисоките органи.Тие се буџетски службеници и се повинуваат на општата политика спроведувана од централните органи на власта.Службените обврски ги прават зависни и спаѓаат во посебниот вид на шутраци,што немаат смелост да се спротистават на политиката на власта во областа на образованието.Нив,обично ги нема во општествените манифестации,освен во оние што се спроведуваат од власта.
Во нашата културна и политичка историја просветните работници имале истакната,дури,водечка улога.Да се присетиме на Миладиновци,Гоце Делчев,на плејадата просветни работници кои се гордост на нацијата.
Мачно е да се спомнат академиците,големиот број на интелектуалната елита во универзитетите,институтите.Со исклучок на поединци,мнозинсвото е пасивно во општествениот и во политичкиот живот.Не сакаат да мрднат од топлите и од добро ситуираните фотелји.Како да не ги интересираат крупните политички прашања пред кои е исправена земјата.Освен партиски определените активисти,останатите се во ложите на наблјудувачи.Шутраци.
Мачно е кога ќе се присетиме дека скопскиот универзитет во минатото бил центар на политичкиот живот.Професорите ја прифатиле револуционерната борба,имале силно влијание во општествениот и во политичкиот живот.
Уште поголема тежина ни паѓа на душата кога ќе се сетиме на нашите студенти.Тоа е вистинска армија од академски граѓани.Како да се објасни таа незаинтересираност на студентите за политичкиот живот,кога се решаваат општествени-политички прашања од кои зависи иднината на земјата.Студентите секогаш се огласувале кога созревале важни актуелни прашања од животот на нацијата.Ако не друго,би требало да согледаат дека се поголем број на дипломци не можат да најдат работа.Не сфаќаат ли дека се залажени/измамени/со тоа мноштво на универзитети и несфатливо голем број на запишани студенти.Зар многуте блескави пропагандни манифестации и празниот забавен живот сосема ги оттргнал од значајните актуелни настани.Како да се објасни таа аполитичност.Мачно ми е,но не можам да не го употребам и за нив зборот шутраци.
Да се присетиме дека македонските студенти на белградскиот,загребскиот и другите универзитети биле јадрото на патриотското движење,дека најголемиот број од нив се нашле во партизанските одреди и единиците на НОВ.
Ќе ги спомениме и нашите пензионери.И тие претставуваат армија од наши граѓани.Го уживаат или го страдаат пензионерскиот живот,но,ги нема да се огласат.Барем да зборнат погласно за своите проблеми,ако не се премногу заинтересирани за актуелните општествени и политички прашања.А ги има и многу образовани, и високо стручни кадри кои порано претставувале значајна општествена и политичка сила.Зар може сосема да се пасивизираат,како да не постојат во нашата современост.Не е тоа многу пофално за нив.Пред нив не се открива некоја светла перспектива,но,сегашноста и за нив е важна,и од неа зависи и нивниот пензионерски живот.Да не зборуваме дека крвно се заинтересирани за животот на нивните деца,за поколението.Со нивното искуство можат тие многу нешто да кажат и да имаат свој глас и свое место во општествениот живот.Не е пристојно,дури е и навредливо кога и за нашите пензионери ќе се рече дека се шутраци,макар и во најблага форма.
Ги имаме во вид не само изборите,во кои тие имаат свој глас,ами и активностите со свои политички партии,со свои настапи во општесвените и во културните асоцијации.Секој содржаен и умен збор е драгоцен.Им пожелуваме да се ослободат од метафората како шутраци.
Можеби ќе се навредат оти ги ставаме на последно место нашите економски “босови“,директори на фирми,сопственици на индустриски погони,банкарски раководители,менаџери и секакви стопански фактори.Голема ,значајна и во извесна смисла пресудна е нивната улога во севкупниот живот на земјата.
Тешко можеме да ги расчлениме,а уште потешко да ја определиме нивната конкретна улога во општествениот и во политичкиот живот на државата.Кој ќе се снајде во тој сложен економски организам.
Колку и да се самостојни,овие економски корпорации се дел од државниот механизам.Повеќе или помалку поврзани се со државните органи,повеќе или помалку зависат од внатрешната и надворешната политика на државата.Сигурноста на економиката зависи од сигурноста на државата,и обратни,сигурноста на државата зависи од сигурноста на економиката.Разбирлива е заинтересираноста на економските фактори за политиката на државата.Тоа што нашата економика не е на завидно ниво,и продуцира многу кризни ситуации,што се манифестираат во голем број невработени,стечајци,голема сиромаштија и бројни социјални проблеми,зборува за една нездрава положба што загрижува.Колку и какви шутраци придонесуваат за ваква ситуација не може да биде предмет на ова изложување.Начелно,ако економиката се наоѓа во перманентна криза не може да биде добро за никого,па и за многуте шутраци што привремено некако егзистираат.Здравите економски односи во земјата ќе ги елиминира многуте недостатоци,а ќе го стесни и просторот на шутраците .
Учеството на економските фактори во општествениот и во политичкиот живот влијае на генералниот курс на државата..
Ќе споменеме и една голема групација од граѓани-безработни,стечајци,незадоволни лозјари,незадоволни тутунари,социјални случаи од секаков вид.Нив ги гледаме често како истапуваат барајќи си ги своите права.Штрајкуваат ,или ќе добијат нешто,па ќе се смират,или не добиваат ништо.Македонија е земја на штрајков и штрајкачи.Ретко да помине ден кога не се јавува некој да протестира. Жално е да ги гледаш како ги бараат своите права
Зошто неволно ми се оттргнува зборот шутраци и за нив.Затоа што кога едни протестираат,другите си гледаат сеир.Си ги замислувам каква сила би претставувале тие кога би се здружиле,кога би се помагале,кога би настапувале заедно.
Сигурно во овој преглед не се опфатени сите видови и категории граѓани.Верувам и од ова што е речено произлегува дека е голем бројот на категории граѓани или поединци за кои во извесна смисла и во некаков контекст може да се употреби метафората шутраци. Сите ги именував со општиот поим на метафората шутраци.Како што во почетокот напоменав,не може за сите метафората шутраци да има иста содржина и исто значење.Останува на читателот на овие редови сам,по свое наоѓање, да внесе содржина и значење што според него најсоодветно одговара.Независно од тоа,останува фактот дека во Македонија можат да се најдат многу шутраци. Македонија е земја на шутраци.До кога??? И тоа е непознато.